• Мартин Танасковски
Некогашниот француски репрезентативец и светски првак од 2018 година, Самуел Умтити, одлучи да ги замени копачките со тренерска табла. По официјалното објавување на крајот на својата играчка кариера, Умтити веќе ја започна новата мисија, да стане тренер.
Од почетокот на оваа недела, 31-годишниот поранешен дефанзивец започна практична работа во редовите на Париз, клуб од француската Лига 1. Активно учествува во секојдневниот тренажен процес, анализира тактики и се запознава со предизвиците што ги носи тренерската професија. Целта е јасна, да ги стекне сите потребни УЕФА лиценци и еден ден да застане на клупата како главен тренер.
Кариерата на Умтити започна блескаво. Како производ на академијата на Олимпик Лион, брзо се етаблира како еден од најперспективните дефанзивци во Европа. Преминот во Барселона го однесе на највисокото ниво, а врвот на неговата кариера дојде во Русија 2018, кога со Франција ја освои светската титула.
Но, хроничните повреди на коленото ја променија насоката на неговата кариера. Наместо да гради долгорочно наследство на „Камп Ноу“, Умтити се бореше со рехабилитации, пад на форма и губење на место во тимот. Следуваа кратки епизоди во Лече и Лил, по што реши да стави крај на играчката авантура, но не и на љубовта кон фудбалот.
Според француските медиуми, Умтити е целосно посветен на тренерскиот развој и веќе покажува високо ниво на сериозност и дисциплина. Од стручниот штаб на Париз добива пофалби за пристапот и ангажираноста, а многумина го гледаат како идно тренерско име во францускиот фудбал.
Не е исклучено дека во блиска иднина ќе му биде доверен младинскиот тим или резервниот состав на клубот, како прв чекор во кариерата на клупата.






