Повредата не е сериозна, но Адеми најверојатно ќе го пропушти и Шахтјор во ЛШ

Еден од најдобрите македонски репрезентативци, Аријан Адеми, поради повреда не беше дел од селекцијата за дуелот со Полска. Искусниот играч за врска доби незгоден удар на мечот со Словенија и не беше во можност да им помогне на соиграчите на клучниот дуел од евро-квалификациите, а многу веројатно ќе биде надвор од стројот и за натпреварот на својот тим во Лигата на шампионите против Шахтјор

По враќањето од Варшава, Адеми веднаш замина на дополнителни прегледи во Загреб, од каде информираат дека повредата не е сериозна, но сепак потребен е одмор. 

„Не сакаме да брзаме. Останува да видеше што ќе се случи во следните денови. Но, многу веројатно ќе мора да мирува најмалку уште една седмица“, соопштија од Динамо. 

Во рамки од третото коло на Лигата на шампионите, Динамо за една седмица гостува кај Шахтјор во дуел на екипите кои досега имаат по една победа и еден пораз во елитното друштво.