Повреда во најлош момент, Рома без најдобриот фудбалер еден месец

Аргентинскиот напаѓач Пауло Дибала поради повреда ќе биде надвор од терените околу еден месец. Најдобриот фудбалер на Рома заработи повреда на бутот на натпреварот против Каљари во неделата, а лекарските прегледи потврдија дека се работи за истегнување кое ќе бара неколкунеделно закрепнување.

Постоеше загриженост дека проблемот е поврзан со коленото, што му предизвикуваше тешкотии во последните недели. Сепак, подоцна, стана јасно дека овој пат повредата е на бутот.

Дибала одигра само 13 минути на натпреварот против Каљари. Тој влезе во игра во 64. минута на местото на Матијас Суле, но беше принуден да биде заменет со Николо Пицили во 75. минута поради повреда.

Се очекува 31-годишниот Аргентинец да ги пропушти репрезентативните дуели на Уругвај и Бразил, а нема да настапи и за Рома против Лече и Јувентус. Најоптимистичките прогнози се дека ќе се врати на терените најрано кон средината на април.