Поведена постапка против Беќири и Фетаи, казна го чека и Тиквеш

Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија ги изрече мерките и казните за сите сторители на прекршоци во последните кола од Првата и Втората македонска лига. 

Беа разгледувани повеќе ситуации од различни натпревари, по што беа донесени следните одлуки: 

Фудбалерот на Тиквеш 1930, Камара Фоде доби забрана за настап на три натпревари, заради грубиот старт и директниот црвен картон на натпреварот против Арсими во неделата. Меметриза Хамза од Струга Трим Лум нема да игра на следните два натпревари заради директниот црвен картон, досуден по ВАР-проверката на дуелот против Брера. Напаѓачот на Шкендија, Фабрис Тамба нема да игра на следните два натпревари, заради исклучувањето на мечот со Силекс во Кратово.

Против фудбалерот на Шкендија, Имран Фетаи е поведена постапка за неспортски однос (кршење на врата од соблекувална) по завршување на натпревар, а поради неспортски однос (вербален напад на полициски службеници од МВР) по завршување на натпревар ќе се разгледува казна и за тренерот на тетовчани Јетон Беќири

Против кавадаречки Тиквеш е поведена дисциплинска постапка поради користење и фрлање на пиротехнички средства и поради истакнување на банер со навредлива содржина.

На денешната седница на дисциплинската комисија донесени се одлуки и за санкции кај второлигашите:

- Фудбалерот на Охрид Лихнидос, Иван Глигоров доби забрана на настап на четири натпревари.
- Фудбалерот на Охрид Лихнидос, Благоја Спиркоски е казнет со забрана на настап на еден натпревар.
- Фудбалерот на Скопје, Кристијан Николовски доби забрана на настап на четири натпревари.
- Комесарот за безбедност на Победа, Александар Илијески е казнет со забрана на вршење на функција во траење од еден месец.
- Претставникот на Големо Коњари, Горанчо Касниоски доби забрана на вршење на функција во висина од еден месец.