Потврдена процедурата за ждрепката за ЕП 2024

Германија

Извршниот комитет на Европската фудбалска унија на состанокот во Хвар (Хрватска) ја потврди процедурата за ждрепката за Европското првенство 2024. Германија ќе биде домаќин на континенталниот собир за две години, па свечената церемонија ќе се одржи во Франкфурт. „Пaнцерите“ нема да влезат во ждрепката, а тоа ќе биде случајот и со Русија, поради воениот конфликт со Украина.

Во прелиминарната фаза учество ќе земат 53 репрезентации. Тие ќе бидат поделени на десет групи, седум по пет селекции и три по шест. За ждрепката ќе се земат предвид резултатите од квалификациската фаза од Лигата на нации 2022/23 година и ќе бидат поделени во седум шешири.

Десетте победници и второпласираните репрезентации од секоја група ќе се пласираат на Европскиот шампионат. Останатите три места ќе бидат пополнети преку плеј-офот кој ќе се одржи во март 2024. Натпреварите на Европското првенство ќе се играат во десет градови (Берлин, Дортмунд, Минхен, Келн, Штутгарт, Хамбург, Лајпциг, Франкфурт, Гелзенкирхен и Дизелдорф) во период од 14 јуни до 14 јули.