Потресна исповед на славниот Фергусон: Се плашев да дојдам на мојот „Олд Трафорд“!

Легендарниот менаџер на Манчестер Jунајтед, Алекс Фергусон, откри дека чувствувал огромен страв при првото враќање на „Олд Трафорд“, само неколку месеци откако во мај 2018 година доживеа мозочно крварење.

Најтрофејниот тренер во историјата на англискиот клуб тогаш итно беше опериран, по што извесен период помина на интензивна нега во болницата „Салфорд Ројал“. Фергусон претходно зборуваше за стравот дека би можел да го загуби помнењето и способноста за говор, а сега се присети и на емоциите пред повторното појавување на стадионот на Јунајтед.

Шкотланѓанецот се врати на „Олд Трафорд“ помалку од четири месеци по излегувањето од болница, на натпреварот против Вулверхемптон, кој заврши нерешено 1-1. Во разговор за „Би-Би-Си“, тој откри дека не знаел како ќе реагираат навивачите кога повторно ќе го видат на трибините.

„Бев под голем страв. Би сакал да можам да кажам дека бев опуштен, но не бев. Не знаев каква ќе биде реакцијата. Потоа ме најавија и следуваше громогласен аплауз. Сопругата беше со мене и за малку ќе заплачеше. Кога седнавме, ми рече: ‘Ова е фантастично’. Тоа е еден од моментите што ја покажуваат великодушноста на нашите навивачи и нивната почит кон времето што го поминав во клубот“, раскажа Фергусон.

Осумдесет и четиригодишниот Шкотланѓанец и денес редовно ги следи натпреварите на Манчестер Јунајтед од свечената ложа на „Олд Трафорд“. Тој истакна дека, и покрај здравствените проблеми низ кои поминал, сега се чувствува добро.

„Се чувствувам прилично добро, и покрај помалите проблеми“, изјави Фергусон.

Легендарниот тренер се наврати и на најтешките моменти по операцијата, кога привремено ја загубил способноста да зборува.

„Го загубив гласот, не можев да зборувам. Тоа беше застрашувачки момент. Се сеќавам дека внуците дојдоа да ме посетат, а јас не можев да разговарам со нив. Потоа ми донесоа терапевтка, која почна да ми задава вежби, како запишување имиња на птици, животни и реки. Така ми се врати гласот“, откри Фергусон.

Неговото враќање на „Олд Трафорд“ останува еден од емотивните моменти во животот на човекот кој остави неизбришлива трага во историјата на Манчестер Јунајтед, освојувајќи 13 титули во Премиер лигата и две во Лигата на шампионите.