• Зоран Мишевски

Младиот германски тренер Јулијан Нагелсман си заминува од Баерн. Оваа вест прв ја објави добро упатениот новинар Фабрицио Романо, а потоа информацијата ја потврди и германски „Билд“. Нагелсман оваа сезона со Баерн дојде до четвртфиналето од Лигата на шампионите, а тимот заостанува еден бод зад лидерот Борусија Дортмунд во Бундеслигата.
Сепак, резултатите не се причина што раководството на клубот одлучило да го замени тренерот. Иако не се наведени причините, се верува дека клубот е незадоволен од одредени работи кои самиот Нагелсман ги прави, особено што лесно влегува во расправии со играчите и предизвикува немир во тимот. „Билд“ тврди дека за оваа одлука се разговара внатре во клубот, а Баерн многу брзо би можел да донесе дефинитивна одлука за смена за поранешниот тренер на Хофенхајм и Лајпциг.
35-годишниот стручњак седна на клупата на Баерн во летото 2021 година, кога го замени Ханси Флик, потпишувајќи петгодишен договор. Во првата сезона ја освои титулата германски првак и два трофеи во германскиот Суперкуп, но прашање е дали ќе успее да освои нешто друго оваа сезона, бидејќи е пред отказ.
Фабрицио Романо пишува дека неговиот сонародник Томас Тухел е првиот кандидат да го замени на клупата на Баерн. Тухел е без клуб од септември минатата година кога доби отказ од Челзи, а досега одби неколку понуди. Повикот на Баерн не се пропушта, а тоа особено важи за германските тренери како Тухел, кој претходно работеше во Германија како тренер на Борусија Дортмунд и Мајнц 05.