• Саше Љолес
Легендарниот фудбалер Предраг Мијатовиќ се повлече од функцијата потпретседател на ФК Партизан, по повеќемесечни несогласувања со дел од раководството на клубот.
Според српските медиуми, Мијатовиќ поднел неотповиклива оставка по седницата на собранието на клубот, на која кулминирале конфликтите во управата. Во изминатиот период тој јавно влегуваше во судир со поединци од раководството, особено околу спортската политика и начинот на функционирање на клубот.
Поранешниот фудбалер на Реал Мадрид и репрезентацијата на Црна Гора претходно изјавуваше дека нема проблем со претседателот Расим Љајиќ, туку со други членови на управата, за кои сметал дека не се подготвени да се справат со тешката ситуација во која се наоѓа Партизан.
„Мислам дека имаше добри и конструктивни дискусии, дека Партизан ќе биде подобар и дека на крајот ќе одлучиме во која насока да одиме. Ја добив довербата на Собранието и тоа беше многу важно. Го послушав претседателот Љајиќ и до одреден степен се согласувам дека треба да одиме во поинаква насока и да размислуваме за Партизан.
Од моето искуство и од сè што се случи, се прашувам себеси, а и јавноста, дали е можно да продолжиме заедно? Покажавме нешто во овие 4 месеци што не треба да се гледа. Можеби требаше да го напуштам одборот на директори кога бев изгласан за првпат и постојано размислувам за тоа“, меѓу другото речи Мијатовиќ.
Во јавноста со месеци се зборуваше за поделби во клубот, а неуспешните обиди за помирување на спротивставените страни дополнително ја продлабочија кризата.
Со неговото заминување се очекуваат нови промени во структурата на раководството на Партизан, кој и понатаму се соочува со финансиски и организациски предизвици.


