Потпиша со клубот за кој навива за скромна плата од 900 евра

Репрезентативецот на Шведска, Мартин Олсон ги зачуди фановите и додека трае светската криза од вирусот ковид-19 тој најде нов клуб. Се работи за екипата која тој ја поддржува од детството, Хелсинборг

Самиот клуб го потврди трансферот на поранешниот премиерлигаш. Олсон во новата средина се согласил да заработува само околу 900 евра месечно, поради големата желба да му помогне на Хелсинборг. 

„Знаеме дека е малку чудно да потпишуваме играчи во ваква ситуација, но играч како Олсон не се одбива. Тој не сакаше да влијае врз нашите финансии и ние ќе го искористиме тоа“, истакна еден од челниците на клубот. 

Олсон се реши на ваков чекор само за да заигра за клубот кој го сака од детството, а се очекува по минувањето на кризата неговата плата да биде зголемена според заслугите. 

Инаку, Швеѓанецот досега целата професионална кариера ја мина во Премиер лигата каде започна во дресот на Блекбурн, па играше за Норич Сити и Свонси, а од минатото лето е слободен агент. Зимава беше близу до потпис со Вест Бромвич Албион, каде две седмици тренираше со екипата на Славен Билиќ. Олсон е и активен член на сениорската репрезентација на Шведска.