• Саше Љолес

Фудбалерите на Пари Сен Жермен беа големи фаворити на денешниот меч против екипата на Рен, но „светците“ загубија на домашен терен со резултат 0-2 и уште еднаш ги разочараа своите фанови.
- Извештај од натпреварот:
ПСЖ започна со најсилниот состав, а во нападот најистурени беа Лионел Меси и Килијан Мбапе. Парижаните прикажаа солиден фудбал во првите половина час, но сепак гостите беа тие што изненадувачки поведоа и го отворија резултатот во 45. минута преку Токо Екамби кој стрелаше прецизно за 0-1. Гостите заминаа со минимална предност на паузата меѓу двете полувремиња.
Вториот дел донесе нов шок за домашните навивачи уште на самиот старт. Рен успеа да зголеми на 2-0 во 48. минута преку Калимуендо и само додаде „сол на раната“ на фановите на ПСЖ кои беа разочарани од изданието на нивните миленици. „Светците“ презедоа многу поголема иницијатива, поседот на топката беше над 60% во нивна корист, но сепак никако не успеаваа да го пронајдат патот до мрежата на гостинскиот голман Манданда.
Гостите апсолутно успеаја да ги неутрализираат сите налети на актуелниот француски шампион и полека но сигурно, го приведуваше мечот кон голема победа над огромниот фаворит. ПСЖ се обиде дури осум пати во рамките на голот на Рен, но не успеа да постигне ниту почесен погодок.
Незадоволството од играта на домаќините беше очигледно кај сите во домашниот табор, а најдобро сведочат изразите на лицата на Лионел Меси и претседателот на клубот, Насер Ал-Келаифи. Притисокот врз тренерот Кристоф Галтије уште повеќе се зголемува по денешниот пораз. Останува да видиме дали ќе се остварат шпекулациите за негова смена пред истекот на сезоната. ПСЖ останува лидер во првенството со 66 бодови и ова е прв пораз за парижаните после четири чисти победи во серија.
Екипата на Рен сега е на петтото место на табелата со 50 освоени бодови и фаќа сериозен приклучок за една од позициите кои носат пласман во евро-куповите догодина.