Потенцијални инвеститори од Русија и Австралија преговараат за преземање на Победа!

Уште едно и нова неизвеснот дали и како прилепска Победа ќе продолжи да функционира. Клубот испадна од Втората лига, а не располага ниту со играчки кадар со кој може да гарантира експресна промоција во повисок ранг.

Спортскиот агент Сашко Попоски, сопруг на Јана Мицковска-Попоски, сопственичка на 70% од клупските акции и мнозински акционер на Победа сподели оптимистички вести за иднината на некогашниот шампион на Македонија. 

„Сегашниот клуб Победа АД ќе продолжи да работи. Собираме луѓе кои се способни да работат, правиме тим којшто ќе собере сили за да го организираме клубот и фактички да го реорганизираме, за да почне да се вклучи во Третата лига. Се надеваме дека со сите прилепски фудбалери што ќе ги собереме, ќе одиграме во Третата лига и ќе влеземе во Втората.

Сумата која се должи е 300.000 евра, како што соопшти градоначалникот Дејан Проданоски. Во преговори сме со потенцијални инвеститори од Русија и Австралија, но додека не се договориме, не објавуваме во медиумите. Мораме да се реорганизираме со помош на локалната самоуправа и со помош на љубителите на фудбалот од Прилеп. Идејата е овој клуб да продолжи да функционира, Работиме за да најдеме стабилен спонзор кој би го одржувал клубот. Секако со поддршка на луѓето од Прилеп и со помош на Локалната самоуправа“, вели Попоски за прилепските медиуми. 

Победа испадна од Втората лига и постои голема неизвесност како ќе се организира за настап во третолигашкиот ранг.