• Саше Љолес
Габриел Магаљаеш стана симбол на поддршка кај навивачите на Арсенал, и тоа само неколку дена по болниот пораз од ПСЖ во финалето на Лигата на шампионите.
Бразилскиот стопер го промаши решавачкиот пенал во пенал-рулетот и на тој начин ПСЖ стигна до европската титула, оставајќи ги „топчиите“ без првиот трофеј во Лигата на шампионите.
Наместо критики, Габриел доби огромна поддршка од навивачите. Според информациите од Англија, продажбата на неговите дресови пораснала за дури 350 проценти по финалето, а токму неговиот дрес во моментов е меѓу најбараните меѓу фановите на Арсенал.
За време на шампионската парада по повод освоената титула во Премиер лигата, Габриел беше пречекан со аплаузи, скандирања и пораки на поддршка, иако токму неговото промашување остана најболниот момент од европската сезона на клубот.
Бразилецот по финалето јавно им се обрати на навивачите, признавајќи дека чувствува голема болка поради промашениот пенал, но истакна дека е горд на сè што тимот постигнал во сезоната.
Така, наместо да биде запаметен како трагичар на вечерта во Будимпешта, Габриел доби уште поголема љубов од навивачите, кои покажаа дека стојат зад своите миленици и во најтешките моменти.



