• Мартин Танасковски
Истрагата за нелегални спортски обложувања и наместени натпревари во Турција продолжува да се проширува, а медиумите во земјата секојдневно откриваат нови детали. Според извештаите, под лупа се најдоа и сомнителни обложувања поврзани со натпреварот од Лига Европа меѓу Фенербахче и Штутгарт одигран во октомври.
Весникот „Сабах“ објави дека истражителите особено се интересираат за еден специфичен облог – прецизно предвидување дека играчот за врска на Фенербахче, Исмаил Јуксек, ќе добие жолт картон. Моментот кој се анализира се случи во 98. минута по инцидент на теренот.
Според тврдењата, овој облог го уплатил Ерсен Дикмен, близок соработник на фудбалерот Мерт Хакан Јандаш. И двајцата се наоѓаат во притвор и го чекаат судскиот процес под сомнение за местење натпревари и незаконито обложување.
Како што пишува „Сабах“, истрагата утврдила дека Јандаш му префрлал пари на Дикмен, кој во повеќе наврати уплатувал таканаречени „играчки специјали“ – облози поврзани со конкретни статистички дејства на Јуксек, како добивање картон или извршување на најмалку три прекршоци.
Покрај тоа, вниманието на истражителите е насочено и кон други натпревари на Фенербахче, меѓу кои и дуелот со Славија Прага во 2024 година. Наводно, Дикмен уплатил дури 15 различни облози дека Јуксек ќе направи најмалку три прекршоци – а играчот завршил со пет фаула, што ги направило сите облози добитни.
Во меѓувреме, напаѓачот на Штутгарт, Дениз Ундав, кој беше инволвиран во жестока расправија со Јуксек пред самиот крај на натпреварот, јавно проговори за случајот.
„Не верувам дека тоа го направи намерно“, изјави Ундав на прес-конференција, коментирајќи ги сомнежите поврзани со однесувањето на турскиот играч.
Истрагата продолжува, а турските власти најавуваат дека наскоро ќе бидат соопштени нови информации за случајот кој ја потресе домашната фудбалска јавност.



