Постои реална можност во иднина да гледаме две Премиер лиги

Чемпионшип

Нисколигашите во Англија, поточно клубовите во Лига 1 и 2, категорично одбиваат продолжување на сезоната. Тоа донесе раздор во англискиот фудбал, кој би можел да резултира со изненадувачко решение.

Имено, Чемпионшип лигата, второто по ранг натпреварување на Островот, се закани дека ќе се одвои од системот на натпреварување и ќе формира втора Премиер лига. Сето тоа би се реализирало доколку ставот на нисколигашите околу завршницата на сезоната не се промени во наредните неколку недели.

Ваквиот потег би спречил напредување на тимовите од Лига 1 и Лига 2. Челниците на Чемпионшип ќе мора да добијат дозвола од Премиер лигата и од фудбалскиот сојуз, доколку сакаат да ја преземат оваа драстична мерка, која речиси е невозможна.

Клубовите од трета и четврта лига сакаат прекин на сезоната, со оглед на недостатокот на приходи. Тие немаат од каде да ги плаќаат своите фудбалери и се надеваат само на помошта која ќе ја добијат од државата. 

Спротивен е ставот од втората лига, која сака да ги врати натпреварите и се заканува со овој изненадувачки потег, кој целосно ќе ја промени мапата во англискиот фудбал.