• Горан Упале
Жоао Марио синоќа одигра еден од најдобрите натпревари во кариерата, откако постигна хет-трик на пресметката помеѓу Бенфика и Интер, која заврши 3-3. Португалецот, покрај фантастичната игра, во центарот на вниманието беше и по последниот судиски свиреж, бидејќи направи неочекуван потег.
Имено, откако фудбалер ќе постигне хет-трик на еден натпревар, вообичаено е да добие топка од тој натпревар потпишана од соиграчите како спомен. Но, Жоао Марио на крајот не сакаше да ја следи таа „традиција“. Еден од соиграчите му ја донесе топката, но Жоао Марио не сакаше да ја однесе дома и веднаш ја врати, што сите ги изненади.
João Mário gave up his first-half hat-trick ball after his Benfica side surrendered a 3-0 lead against Inter #UCL pic.twitter.com/VYumtbw35P
— Football on TNT Sports (@footballontnt) November 30, 2023
По натпреварот, португалскиот играч за врска беше прашан од новинарите во микс зоната зошто не сака да ја земе топката, што е вообичаено кога играч постигнува хет-трик. Португалскиот репрезентативец со краток одговор им објасни сè.
„Како да ја земам топката кога прокоцкавме водство од 3-0? “, запраша Марио.
Овој 30-годишен играч за врска првично израсна во Спортинг Лисабон, од каде замина во Интер по одличното Европско првенство во летото 2016 година за речиси 50 милиони евра. Сепак, не се прослави на „Џузепе Меаца“ и се врати во „црвено-белата“ половина на Лисабон.