Последното „Мерсисајд“ дерби на „Гудисон“, препородениот Евертон со Мојс го пречекува Ливерпул

Популарното „Мерсисајд“ дерби за последен пат ќе се одигра на „Гудисон Парк“. Пред финалната пресметка на стадионот кој по крајот на сезоната ќе замине меѓу легендите, големите градски ривали Евертон и Ливерпул имаат изедначен учинок на „Гудисон“, по 41 победа.

Тоа ќе биде 120. „Мерсисајд “дерби на теренот на Евертон, од вкупно 245. Во натпреварите одиграни на стадионот на Евертон, двата тима имаат по 41 победа. Вкупно Ливерпул има 99 победи, Евертон 68, а 77 натпревари завршија без победник, од кои 37 на стадионот на „карамелите“.

Додека Евертон сака победа за да се стави успешен крај на една ера, триумфот е поважен за Ливерпул бидејќи со истиот би му побегнал на Арсенал на девет бода.

Натпреварот првично беше закажан за 7 декември, но големото невреме тој ден го одложи. Споредено со тој момент, кога Ливерпул ќе беше апсолутен фаворит на теренот, работите на другата страна значително се променија на подобро по доаѓањето на Дејвид Мојс.

Откако Мојс пристигна на „Гудисон“ пред еден месец, само Ливерпул има освоено повеќе бодови од Евертон во Премиер лигата. Дуелот на градските ривали се игра вечерва од 20:30 часот.