Последното коло во ПМФЛ ќе биде лудо: Четири екипи во борба за можно место во Европа

Првата македонска фудбалска лига е на едно коло пред крајот, а четири екипи се во борба за четвртото место кое може да донесе излез во фудбалска Европа доколку во Купот триумфира Академија Пандев.

„Пандевци“ веќе имаат осигурано место во Европа преку шампионатот, а во финалето на Купот играат против Македонија Ѓорче Петров. Доколку струмичкиот тим победи, во последното коло борбата за четвртото место и Европа ќе биде луда.

Четири тима имаат шанси да го направат тоа преку првенството. Работнички има 46 бода, Шкупи има 45 бода, додека Ренова и Македонија ЃП имаат по 44 бода. Во полседното коло Работнички ќе биде домаќин на Шкупи, Ренова игра против Шкендија, додека Македонија ЃП се среќава со испаднатата Победа.

Но, се би можело да падне во вода, доколку Македонија ЃП стане шампион во Купот на Македонија, затоа што така „лавовите“ ќе го добијат местото кое води во квалификациите за Лига Европа.

Последното коло од ПМФЛ се игра на 26 мај. Како што е веќе познато, Шкендија е шампион и ќе игра квалификации за ЛШ, Вардар и Академија Пандев играат квалификации за Лига Европа, Силекс го чека бараж за опстанок, додека Беласица и Победа одат во Втората лига.