Последен обид за злато: Легендата сака да се пензионира како кралица

Во женскиот фудбал на олимпискиот турнир репрезентациите на Бразил и САД ќе играат за светското злато, а овој дуел ќе има посебна тежина за „кариоките“ затоа што една од тамошните најдобри фудбалерки во историјата заминува во пензија.

За фудбалската икона кај дамите Марта овој натпревар ќе биде последен во кариерата. Според најавите, 38-годишната икона на светскиот фудбал заминува во пензија по крајот на ЛОИ во Париз. Девојката има рамно 200 настапи за Бразил, а верувале или не во богатата кариера нема голем трофеј со јужноамериканската селекција.

Марта игра за Бразил од 2003 година, а зад своето име има 116 гола што ја прават најдобар стрелец на тимот на сите времиња. Со Бразил има два сребрени медали во 2004 и 2008 година, а на ЛОИ во Франција ќе си ја крои судбината за злато.

Американките предводени од поранешниот тренер на Челзи, Ема Хајс, која на столчето го замени македонскиот стратег Влатко Андоновски, до финалето дојдоа доминантно, без ниту еден пораз. Во групата ги победија Замбија, Германија и Австралија, додека во нокаут-рундата ги елиминираа Јапонија и Германија. Бразил се „протна“ во четвртфиналето како втора најдобра третопласирана селекција.

Финалето на женскиот фудбалски турнир се игра од 17:00 часот на „Паркот на принцовите“ во Париз. САД игра за петтото злато од 1996 година.