• Горан Упале
Португалскиот фудбалски клуб Боависта, еден од само петте клубови кои во историјата ја освоиле шампионската титула во Португалија, се наоѓа пред целосен колапс.
Судот донесе одлука според која клубот до 31 јули мора да ги прекине сите деловни активности и да ги испразни просториите што ги користи, што практично значи крај на постоењето на клубот по цели 123 години традиција.
Боависта е основана во 1903 година и важи за еден од најстарите португалски клубови. Најголемиот успех го оствари во сезоната 2000/01, кога сензационално ја освои шампионската титула и ја прекина долгогодишната доминација на Бенфика, Спортинг и Порто. Две години подоцна стигна и до полуфиналето на Купот на УЕФА, а во 1999 и 2002 година беше вицешампион на Португалија.
Токму шампионската титула од 2001 година останува една од најголемите сензации во португалскиот фудбал, бидејќи Боависта е само вториот клуб надвор од „големата тројка“ кој успеал да стане шампион по Белененсеш во 1946 година.
Проблемите започнаа во 2021 година, кога сопственик на клубот стана шпанско-луксембуршкиот бизнисмен Жерар Лопез. Поради финансиски неправилности, на Боависта ѝ беше забрането да регистрира нови фудбалери во пет последователни преодни рока, што на крајот резултираше со испаѓање во четвртата португалска лига.
Интересно е што Лопез и претходно беше сопственик на Бордо и белгискиот Мускрон, два клуба кои поради финансиски проблеми го загубија професионалниот статус.
Доколку не дојде до драматичен пресврт во следните денови, Португалија би можела да остане без еден од своите најпознати и најтрофејни клубови, кој повеќе од еден век беше дел од фудбалската историја на оваа земја.
