• Зоран Мишевски

Вечерва се одигра големото португалско дерби, во рамките на 21. коло на Примеира. Фудбалерите на Порто и Спортинг ремизираа 1-1 (0-1), а со поделбата на пленот позадоволни можат да бидат „змејовите“.
Гостите поведоа на „Драгао“ во 43. минута. Младиот Куенда го заврши најголемиот дел од работата со брилијантен продор по левата страна, центрираше покрај двајца играчи на Порто, а Иван Фреснеда со левата нога од 12 метри ја испрати топката во мрежата (0-1). „Лавовите“ водеа до 94. минута кога Порто изведе еден од своите последни напади по десната страна, а Дани Намасо помалку среќно израмни на 1-1.
Гостите го завршија натпреварот со деветмина, бидејќи Реис и Диоманде добија црвени картони по голот на Порто. Сепак, немаше доволно време „змејовите“ да ја искористат оваа бројчана предност и да направат епски кам-бек.
Спортинг останува лидер на табелата со 51 бод, Порто е трет со 43, а меѓу нив е Бенфика која има 44 бода.