ВИДЕО: Порто си даде автогол од пола терен, Нотингем непоразен на „Драгао“

Во првите натпревари од четвртфиналето во Лига Европа, вечерва беа одиграни три дуели, а најсилен впечаток остави Фрајбург, кој е на чекор до историски успех. Германскиот тим одигра блескав натпревар и на домашен терен убедливо ја совлада Селта Виго со 3-0.

  • Фрајбург - Селта 3-0:

Резултатот го отвори капитенот Винченцо Грифо уште во 10. минута со мајсторски погодок. Предноста беше зголемена во 32. минута преку Јан-Никлас Бесте, кој реализираше по асистенција на Игор Матановиќ. Конечните 3-0 ги постави Матијас Гинтер по корнер во завршницата на натпреварот.

  • Болоња - Астон Вила 1-3:

Значајна предност пред реваншот обезбеди и Астон Вила, која славеше на гости кај Болоња со 3-1. Англискиот тим поведе непосредно пред паузата со гол на Езри Конса, а во второто полувреме предноста ја зголеми Оли Воткинс. Џонатан Роу донесе надеж за домаќините со погодок во финишот, но Воткинс со својот втор гол во судиското продолжение стави точка на натпреварот.

  • Порто - Нотингем 1-1:

Најнеизвесно беше во дуелот меѓу Порто и Нотингем Форест, кој заврши нерешено 1-1 на стадионот Драгао. Домаќините поведоа преку Вилијам Гомеш во 11. минута, но само две минути подоцна Мартин Фернандеш си постигна луд автогол од половина терен, што им донесе вреден резултат на гостите пред реваншот.

  • Автоголот на Порто:

По овие резултати, Фрајбург и Астон Вила се во одлична позиција за пласман во полуфиналето, додека во дуелот меѓу Порто и Нотингем Форест сè останува отворено пред вториот натпревар, исто како и на средбата меѓу Брага и Бетис која се одигра вчера и заврши 1-1.