ВИДЕО: Порто преку Бенфика обезбеди финале на Лига Купот

Фудбалерите на Порто jа совладаа Бенфика со 1-3 (1-2) и го обезбедија своето прво финале во новата сезона, завршниот натпревар од Лига Купот.

Натпреварот се играше на неутрален терен, на стадионот на Брага, а победникот беше најавен уште во првиот дел. Играчите на Порто први го отворија резултатот и поведоа со голот на Јасин Брахими, во 24. минута. Тимот од Лисабон брзо се созеде од почетниот шок и преку Рафа Силва израмни на 1-1. Лудото прво полувреме беше комплетирано со нов погодок на избраниците на Консеисао, откако во 34. минута Муса Марега погоди за предност од 1-2.

Во вториот дел од мечот, Бенфика се обидуваше да го израмни резултатот, најсериозната шанса ја имаше Сеферовиќ, но гостите умешно се бранеа. Во финишот Бенфика остави повеќе простор во одбраната, а тоа го искористи Фернандо и во 87. минута ги постави конечните 1-3, што значеше и голема радост за навивачите на Порто.

Противникот на Порто во финалето ќе биде познат по одигрувањето на утрешниот натпревар меѓу Спортинг и Брага.