Порто по неславната елиминација во САД го отпушти тренерот Анселми

Порто неочекувано рано го заврши настапот на Светското клупско првенство, неуспевајќи да ја помине групата А на континенталното натпреварување. На тој начин Мартин Анселми не успеа да ја задржи својата работа по турнирот во Соединетите Американски Држави.

Португалскиот клуб го отпушти 39-годишниот Аргентинец, иако го назначи за главен тренер на крајот на јануари 2025 година. Првото разочарување беше третото место во домашниот шампионат, а сега заврши на истата позиција и на клупскиот Мундијал зад Палмеирас и Интер Мајами. Анселми во португалскиот гигант пристигна како замена за Витор Бруно, кој исто така беше отпуштен, а неговиот договор беше потпишан до 2027 година. Тоа значи дека некогашниот освојувач на Лигата на шампионите ќе добие нов тренер за новата сезона.

Ова беше првата задача на младиот јужноамерикански стручњак, со италијанско државјанство, во Европа. Но, заврши премногу брзо и неславно, а времето ќе покаже дали навистина поседува квалитет за тренер на високо ниво.