„Порто ме отпиша поради бурниот живот, но јас сум легенда на овој клуб“

Некогашниот најдобар стрелец во Европа, Марио Жардел, поминува низ најтешките моменти во животот и неодамна за првпат јавно проговори за сите проблеми со кои се соочувал во изминатите години. 

Легендата на Порто започна со бурен живот по пензионирањето, а во одреден период секојдневно консумирал дрога и алкохол, што довело до нарушување на односите со скоро сите пријатели и поранешни соиграчи. Португалскиот клуб го „отпиша“ од историјата, но Жардел смета дека управата направила голема грешка, затоа што како активен играч дал сѐ од себе за успех на тимот. 

„Моите демони се во минатото. Сега сум нов човек и се обидувам да се вратам на вистинскиот пат. Мислам дека Порто погреши, моето користење дрога треба да е во втор план. Јас дадов сѐ од себе за успех на клубот и се сметам за вистинска легенда во Португалија", изјави Жардел. 

Коментарот на Жардел доаѓа откако Порто не го повика на ревијалниот меч против Реал Мадрид, каде настапија сите легенди на португалскиот гигант. Во текот на активната кариера, напаѓачот одигра 130 натпревари за Порто и постигна 125 голови во сите конкуренции.