• Сашо Поповски
Порто го порази вечниот ривал Бенфика (2-0) и ја освои титулата во португалскиот Суперкуп кој се одигра на стадионот „Мунисипал де Авеиро“.
Бранителот на титулата капитулира еднаш во секое полувреме и тоа беше доволно за негативен резултат на денешното соочување со „змејовите“. Одлучувачкиот момент на мечот се случи во 23. минута кога Влаходимос фаулираше противник за најстрога казна. Судијата првично не покажа на белата точка, но потоа се консултира со ВАР-собата и му овозможи реализација на Серхио Оливеира.
И по водството, тимот на Консеисао беше подобар противник. Во поголемиот дел од мечот ја имаше иницијативата и позрелите шанси за погодок. По еден час игра за Бенфика неуспешен обид запиша Грималдо, чиј шут од слободен удар го одбрани Марчесин. Пред самиот крај, Луис Диаз постигна втор гол во мрежата на Влаходимос и го потврди славјето на неговиот тим.
По пауза од една година, Порто одново се израдува на Суперкуп трофејот, кој во историјата го освои 22 пати.. Бенфика е далеку на второто место со осум титули, колку што има и Спортинг.


