Поразот во Талин ќе го натера Перез да троши милиони за најмалку две нови засилувања

Реал Мадрид промени
Gol.mk на Супер Куп 2018

По нешто повеќе од три години, Реал Мадрид конечно падна на колена во еден финален меч во Европа.

Доминацијата на Зинедин Зидан во мечевите за титула не успеа да ја продолжи неговиот наследник на клупата на „кралевите“, Јулен Лопетеги. Можеби се работи за недоволна подготовка во летниот период и замор кај неколку фудбалери кои настапија на Мундијалот, но тоа оправдување нема да помине пред фановите, кои беа тотално разочарани по вчерашното издание на своите миленици.

Неколку ѕвезди веќе го одбија „кралскиот“ клуб, а се повеќе се чувствува празнината која ја остави Кристијано Роналдо со заминувањето во Јувентус. Очигледно е дека на Реал му се потребни најмалку две нови засилувања, но прашањето е како да се стигне до нив.

Одговорот најверојатно го има Флорентино Перез, кој никогаш не штеди за да го добие тоа што го посакува. Желбата да се доведе Еден Азар уште е актуелна, но Челзи не сака да слушне за продажба на својата прва ѕвезда. Ист е случајот и со Баерн Минхен, кој не сака да се раздели со најдобриот голгетер, Роберт Левандовски.

Дополнителни проблеми се шпекулациите дека Марсело и Лука Модриќ побарале да си заминат од екипата. Челниците на мадриѓани одбиваат таква можност, но прашање на време е кога тоа ќе се оствари.

Дали шпанскиот гигант полека ја плаќа цената за доминацијата од претходните неколку сезони? Дали фудбалерите се заситија и посакуваат нов предизвик во кариерата? И на крај, како Реал ќе се избори за успех во новата сезона покрај одлично подготвената Барселона и екстра мотивираниот Атлетико?