„Поразот од Македонија е катaстрофа, тоа е срамна слика за германскиот фудбал...“

Германија Македонија

Повеќе од десет дена честа тема на разговор во германските медиуми е поразот од Македонија во квалификациите за Европското првенство. Тамошната јавност посакува ново име да го води националниот тим на турнирот, на местото на Јоаким Лев, кој најави заминување на крајот од летото.

Претседателот на Унион Берлин, Дирк Цинглер, е последен кој зборуваше за дуелот од Дуизборг околу кој се крена голема прашина.

„Од моја гледна точка, поразот од Македонија беше катастрофален. Резултатот е срамна слика за германскиот фудбал. Мислам дека Бирхоф и Лев треба да седнат на маса и да прифатат промена на селекторската позиција пред Европското првенство. Тоа нема да биде „удар“ врз резултатите на сегашниот селектор од минатото. Многу фанови во Германија мислат дека тоа е правилната одлука“, смета првиот човек на Унион Берлин.

По двете стартни победи над Романија и Исланд, германската репрезентација беше шокирана на домашен терен од Македонија. Пандев и Елмас беа стрелци на погодоците во историската вечер на екипата предводена од Игор Ангеловски.