Поразот од Болоња го натера Анчелоти на радикални мерки, играчите со сигурност ќе бидат незадоволни

Екипата на Наполи вчера ја потврди очајната серија во која се наоѓа. Загубија со пресврт дома од Болоња, а тоа беше шести натпревар без победа во Серија А. Дополнително на тоа се надоврзуваат двата нерешени дуели од Лигата на шампионите, што значи дека наполитанците немаат победа во последните осум средби. 

Токму поради лоши резултати, претседателот Де Лаурентис ги стави во карантин играчите претходниот месец. Дел од нив не го испочитуваа и заминаа од тренинг центарот, а тогаш почна вистинскиот хаос. 

Првиот човек парично ги казнуваше играчите, навивачите одржуваа протести, а дури и ги исвиркаа во секоја можност што ја имаат. Најавите беа и дека речиси половина од стартната постава ќе го напушти тимот од Неапол.

По вчерашниот пораз, Карло Анчелоти реши дека тимот мора повторно да се врати во карантин. Според италијанските медиуми оваа одлука тренерот ја донел на своја рака, бидејќи резултатите се катастрофални.

Се очекува да биде одржан состанок меѓу играчите и управата, а потоа утре да се одржи нормален тренинг. Карантинот би започнал од среда, па се до дуелот со Удинезе за викендот. Анчелоти ќе се обиде да ги смири лошите односи меѓу играчите и управата и да го врати тимот на победничките стази.