Поразителен податок за Англија кој ја става во рангот со Сан Марино во ЛН

Европскиот вицепрвак Англија одигра катастрофален циклус во Лигата на нациите и на коло пред крајот е сигурен патник во Б конкуренцијата. „Гордиот Албион“ има само два бода во групата со Унгарија, Италија и Германија, што е голема црна низа, а поразителен е фактот за гол-разликата од еден даден и седум примени погодоци. 

Интересно, еден поразителен податок ја става селекцијата на Англија на рамниште со Сан Марино. Имено, само Англичаните и полупрофесионалците од Сан Марино се без постигнат гол од игра. Избраниците на Герет Саутгејт само еднаш се радуваа на гол во Лигата на нациите, во ремито со Германија (1-1), а стрелец беше Хари Кејн од пенал. 

Ова дефинитивно се тешки моменти за англискиот фудбал, особено бидејќи доаѓаат по моментите кога сите го очекуваа европскиот трофеј на претходниот собир. Саутгејт има проблеми, а пред Мундијалот мора сериозно да делува над својот тим за достојни резултати во Катар.