• Иван Димовски
Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година претрпе пораз на гостувањето кај соодветната селекција на Босна и Херцеговина од 2-1 (1-0). Натпреварот кој се одигра на стадионот во градот Коњиќ понуди добра игра на нашиот колектив. Иако со комбиниран и подмладен состав, избраниците на Драги Канатларовски беа поопасен ривал, но домаќинот беше поконкретен.
- Головите од натпреварот:
Македонскиот селектор тргна со млади сили уште од првата минута и шанса добија дел од најмладите во генерацијата. Меѓу стативите шанса доби Тасев, пред него заиграа Серафимов, Џеков, Деспотовски и Рамадани. Во средината беа Златков и Ѓорѓиевски, а пред нив Крставски. Во офанзивниот дел играа Чилафи, Игњатов и Трпчевски.
Поконкретни од стартот беа Босанците и тоа го крунисаа со водечки погодок преку Хамза Јагањац по единаесет минути игра. Сепак, Македонија успеа да се наметне по примениот гол. Најрасположен за игра беше Мартин Ѓорѓиевски кој креираше шанси и се обидуваше да донесе израмнување. Најблизу до гол беше кога откосо излета пред голот на Босна и Херцеговина и имаше двојна шанса, но голманот спаси. Обиди по центаршутеви имаа и капитенот Деспотовски чиј удар атрактивно го фати голманот, како и Џеков кој со глава биеше млако. Сепак, на одмор се замина без промени на резултатот.
Во продолжението Македонија продолжи да се обидува да изгради позиција за гол, а следеше обид со глава на Златков. Откако не успеавме да дојдеме до израмнување, Босанците ја удвоија предноста во 72. минута преку Адмир Присниќ. Во финишот Канатларовски ги уфрли поискусните фудбалери во ростерот. Тоа резултира со гол за 2-1 во 92. минута кој беше дело на Фитон Адеми. Напаѓачот на Шкендија доби топка низ одбраната од капитенот Илиевски и го постави конечниот резултат.
Овој пораз за Македонија У21 доаѓа по големата победа над Полјаците пред неколку денови, а играта на младите фудбалери беше задоволувачка.