ВИДЕО: Пораз од Зорја за крај на подготовките на Шкендија во Словенија

Шкендија

Македонскиот првак Шкендија загуби на последниот тест за време на подготовките во Словенија.

Денес Зорја Луганск со 3-0 (1-0) го победи тимот на Ќатип Османи кој го запиша третиот пораз на четирите подготвителни меча.

Водството пристигна во 19. минута кога украинската екипа тргна во акција по десната страна. По еден центаршут по земја топката стигна до Владислав Кочергин кој пласираше за победа.

Тетовчани имаа свои обиди во продолжението и тргнаа со сите сили за да израмнат. Сепак, Зорја успеа да постигне уште два брзи погодоци во завршницата за да слави убедлива победа.

Ова беше последна проверка пред двомечот со естонски Номе Каљу во квалификациите за Лигата на шампионите.