• Иван Димовски
Српската јавност сериозно се жали за поразот на Црвена Звезда од Милан (2-1) во рамките на шестото коло во Лигата на шампионите. Спорен беше вториот гол на Тами Абрахам, бидејќи имаше туркање од страна на Матео Габија врз Урош Спајиќ.
На оваа тема зборуваше и легендарниот српски судија од времето на југословенскиот фудбал Здравко Јокиќ, кој имаше непримерен коментар за судискиот контролор на натпреварот кој доаѓа од Фарски Острови.
„Не смееме да заборавиме дека главниот шеф на судиите е Росети, Италијанец. Се знае дека „некои пријатели“ често им судат на италијанските екипи. Очигледно беше оттурнувањето на Спајиќ, не знам зошто не се гледаше ВАР. На голот му претходеа дури два фаули. Црвена Звезда е оштетена.
За надзор на судиите беше одбран човек од Фарските Острови. Човек од таква лига, каде што чуваат овци треба да оценува врвен судија? Тој нема авторитет и кариера. Не може да му каже на Манзано ова ти е грешка...“, изјави Јокиќ.
Реакцијата на српската јавност е навистина бурна по поразот на Црвена Звезда, а жестока реакција имаше и од тренерот Владан Милојевиќ.