Поранешниот напаѓач на Порто и Интер ја паузира кариерата за да војува за Иран?

Европската кариера на Мехди Тареми може ненадејно да добие драматичен пресврт. Според турски извори, иранскиот голгетер сериозно размислува да го напушти Олимпијакос и да се врати во татковината по најновата ескалација на конфликтот на Блискиот Исток.

Наводно, искусниот напаѓач веќе ја информирал управата дека чувствува должност да биде покрај својот народ во овој момент. Од Иран доаѓаат информации дека тамошниот сојуз се обидува да го задржи во Европа и да го предомисли од ваков чекор, но засега ставот на Тареми е јасен.

„Ова е момент кога сум ѝ најпотребен на својата земја. Мојот народ и мојата татковина се во опасност и морам да бидам таму“, им порачал на блиските.

Тареми изгради име во европскиот фудбал со настапите за Порто и Интер, а со години е еден од лидерите на Иран. Доколку се реализира ваквата одлука, тоа би бил еден од најнеобичните потези на активен фудбалер во поновата историја.