Поранешен репрезентативец на Англија ќе му биде соиграч на Алиоски во Лидс?

Лидс Јунајтед и Езџан Алиоски во последните неколку сезони се борат за излез во елитата на англискиот фудбал, но како да недостига последниот чекор. Претходната година како апсолутен лидер влегоа во плејофот на Чемпионшип лигата, каде доживеаа изненадувачка елиминација од Дерби Каунти.

Оваа сезона Лидс беше во битка за првата позиција со Вест Бромвич Албион на Славен Билиќ и се очекуваше до крајот на сезоната да се води тешка битка за приматот, но поради здравствената криза сезоната беше прекината и чека разврска. 

Според пишувањето на англиските медиуми нашиот репрезентативец од идната сезона би можел да добие нов соиграч во името на Џо Харт. Искусниот голман чија кариера тргна во надолна линија откако го напушти Манчестер Сити има договор со Барнли до јуни, па летово ќе биде слободен агент. 

Освен Лидс, за поранешниот прв избор меѓу стативите на англиската репрезентација заинтересирани се Дерби Каунти и Бешикташ, но со сигурност при пласман во Премиер лигата, тимот на Биелса ќе биде фаворит за неговиот потпис. 

Харт најдобриот период од кариерата го имаше во дресот на Манчестер Сити, каде пристигна во 2006 од Шрузбери, но вистинска шанса доби во 2010 година. Тој беше прв избор кај „граѓаните“ до 2016 година, кога беше заменет од Клаудио Браво, а потоа кариерата му тргна во надолна линија. Чуварот на мрежата го загуби и местото прв голман на репрезентацијата на Англија, а за „Гордиот албион“ бранеше на две Европски и едно Светско првенство.