Поранешен член на Ц. Звезда и руски Крилја Советов потпиша со Македонија ЃП

Екипата на Македонија Ѓорче Петров промовира ново име за нападот во следната сезона. 

Нов фудбалер на „лавовите“ е Вања Вучичевиќ, кој доаѓа од таборот на српски Телеоптик. 24-годишниот шпиц мина многу клубови во својата земја, беше дел и од Црвена Звезда за која имаше два официјални настапи, а играше и за Крилја Советов од Русија. Самиот фудбалер потврди дека е среќен за трансферот во ПМФЛ. 

„Мило ми е што доаѓам во овој клуб, се надевам дека со своите игри ќе успеам да помогнам во исполнувањето на целите“, кратко рече Вучичевиќ. 

Вучичевиќ беше и младински репрезентативец на Србија, играше во категориите до 19 години. Фудбалските чекори ги започна во Чукарички, па прејде во Црвена Звезда. Откако не успеа да се избори за минутажа, беше позајмуван во Борац и Спартак. Во 2018 година замина за Русија, меѓутоа не се наметна и се врати во Синѓелиќ. Потоа играше за Инѓија, Звездара и Телеоптик, а сега ќе се приклучи на таборот на Муарем Бајрами.

„Пандевци“ пред стартот на сезоната во ПМФЛ ги очекува двомеч со ЦСКА Софија во рамките на првото квалификациско претколо за Конференциската лига на УЕФА.

Прочитајте повеќе околу тековните трансфери во Македонија и светот на ОВОЈ линк.