• Зоран Мишевски
Радосни лица, заради добрата партија и победата на Вардар над австрискиот бундеслигаш Волфсбергер, можеа да се забележат во хотелот на македонскиот првак во Анталија. Триумфот од 3-2 посебно ќе се памети по евроголот на Горан Попов по кој започна серијата од пет гола.
„Иако шутирав од повеќе од 20 метри оддалеченост, ударот беше навистина силен, а и топката доби едно непредвидливо движење. Во една таква ситуација, кој и да беше на голот на Волфсбергер, тешко дека ќе можеше нешто да стори“, рече Попов.
Потоа бившиот репрезентативец се осврна на натпреварот и победата на Вардар.
„Со оглед на тоа што денес го одигравме првиот натпревар по пауза од еден месец, треба да бидеме задоволни од прикажаната игра и победата. Веќе 16 дена, од кои десет во Скопје и шест овде во Анталија, напорно се подготвувавме за овие средби и среќен сум што стартуваме со триумф од 3-2, во којшто успеав да го постигнам првиот гол на мечот. На почетокот секогаш е тешко, меѓутоа иако чувствувавме одреден замор по жестокото темпо на тренинзите, очекувам денешната победа да ја врати свежината во нашите редови. Се надевам дека нашата форма ќе оди во нагорна линија од натпревар во натпревар и дека веќе на наредниот дуел против тимот на Вил, ќе се претставиме во едно уште подобро издание“, изјави Горан Попов за официјалната веб страница на клубот.
Стручниот штаб на чело со Гоце Седлоски го окарактеризира тесто како многу позитивен и посака често да игра со противници од посилни национални првенства од македонското.