Попов: Хуманитарниот меч ги обедини двете нации, но и цел Балкан

Црвена Звезда го победи Вардар (1-3) во пријателски натпревар од хуманитарен карактер в средата. Сите средства од мечот беа донирани на погодените од трагедијата во Кочани, а оваа средба го обедини Балканот. 

Српскиот тим за мечот повика дел од легендите, меѓу нив беше и Горан Попов кој кратко во кариерата беше дел од овој клуб. Тој за клупскиот сајт на Црвена Звезда даде свој коментар.

„Звезда долго не била во Македонија, па на цела земја ѝ значи тоа што дојде. Овој хуманитарен натпревар ги обедини двете нации, како и целиот Балкан и многу ќе им помогне на семејствата на загинатите во Кочани. Знаеме дека ним им е многу тешко, па затоа се собравме за да им помогнеме, да навиваме за Звезда и Вардар. По еден тажен период, направивме убава атмосфера и се надевам барем малку ја расположивме нацијата. 

Во Македонија има многу навивачи на овие два тима, тоа е општо познато. Играв во Звезда, не долго колку што сакав, ама ми беше убаво да бидам дел од така голем клуб. Од друга страна, за Вардар играв доста подолго. Околу мечот, стадионот беше добро пополнет и мене ми беше задоволство да бидам присутен“, изјави Попов.

На трибините на националната арена „Тодор Проески“ имаше околу 20.000 навивачи.