• Мартин Танасковски

Комисијата за натпревари на ФФМ, на седница донесе одлука со која го поништи натпреварот од 28. коло од Втора МФЛ помеѓу Кожуф и Башкими одигран на почетокот на мај. Овој дуел го доби Башкими, откако домашните играчи се тргаа при нападите на гостите во екстра-времето.
Натпреварот ФФМ го евидентира како одигран, но бодовите од натпреварот не се доделуваат на ниту една екипа, постигнатите голови не се евидентираат и не влегуваат во евиденција на дадени голови на фудбалерите.
Комисијата, имајќи го предвид Правилникот за натпреварување, но и етичкиот аспект на случајот, со цел заштита на интегритетот на натпреварувањето и зачувување на угледот на фудбалот како спорт, ја донесе оваа одлука со која се настојува да се избегне какво било легитимирање на неспортски и неетички дејствија, кои се спротивни на вредностите на Фудбалската федерација на Македонија.
Дисциплинската комисија на ФФМ по пријава на Дисциплинскиот инспектор поведе дисциплински постапки за недозволено влијание на исход и тек на натпревар по член 72 - Наговарање против:
Пепи Ѓоргиев - спортски директор на ФК Кожуф;
Славчо Ѓеоргиевски - шеф на стручен штаб на ФК Кожуф;
Отворена постапка се води и за: Б.К. - ФК Кожуф, Б.Д. - ФК Кожуф, Ј.П. - ФК Кожуф, К.С. - ФК Кожуф, Н.С. - ФК Кожуф;
Од ФФМ потенцираат дека случајот не е затворен. Одделот за безбедност и интегритет продолжува со активна проверка на сите релевантни аспекти поврзани со натпреварот, поради основано сомнение за нарушување на интегритетот на натпреварот.