Поминаа 30 години од најнесекојдневниот рекорд на Мундијалите

Кореја

Кореецот Ли Тае-Хо испиша историја на Мундијалите на денешен ден пред точно 30 години. На Светското првенство во Италија 1990 година одигра само 28 минути и влезе во историските книги на светските собири.

Имено, репрезентативецот на Јужна Кореја доби шанса за настап на мечот против Белгија во рамки од групата Е. Корејскиот фудбалер стана првиот и единствен до денес што заиграл на меч од Светско првенство со едно око. 

Тој имаше несреќен случај на фудбалски натпревар три години претходно, по што остана без едно око и мораше да го замени со стаклено.

„Фудбалот се игра со главата, а не со очите“, зборуваше своевремено корејскиот интернационалец.

Кога имаше само 15 години, Тае-Хо остана без својот татко, а 50 дена по неговата смрт, почина и мајка му. Тоа го натера да падне во тешка депресија, од која излезе благодарејќи на фудбалот. Врвот го достигна кога доби повик за настап во репрезентативниот дрес.

И покрај големите пречки, тој не се откажа и продолжи да верува во себе и своите можности. Тоа му донесе само позитивни работи во животот и прекар „корејскиот Герд Милер“.