Помалку машки и повеќе женски селекции на олимпискиот фудбалски турнир во Лос Анџелес

На Олимписките игри во Лос Анџелес, кои ќе се одржат во 2028 година, ќе се зголеми бројот на женски репрезентации кои ќе учествуваат на фудбалскиот турнир, додека во машка конкуренција наместо досегашните 16, ќе се натпреваруваат само 12 екипи. 

Информацијата ја соопшти Меѓународниот олимписки комитет, а според нив, причината за овој потег е сѐ поголемата популарност на женските екипни спортови. 

„Сакавме да направиме нешто што ќе го одржува растот на женските спортови, а Соединетите Американски Држави се убедливо најдобри во тој сегмент, особено кога се работи за фудбалот“, изјави Кит МекКонел, спортскиот директор на Меѓународниот олимписки одбор задолжен за организација на Игрите во Лос Анџелес.

Ќе се намали и бројот на машките селекции на фудбалскиот турнир, што значи дека „визата“ за Олимписките игри ќе биде уште потешка за достигнување. За потсетување, на овој турнир настапуваат селекции со играчи не постари од 23 години.