• Саше Љолес
Англиската Премиер лига од следната сезона ќе има уште една новина која е поврзана со употребата на ВАР-технологијата. Идејата за „полуавтоматски“ офсајд веќе беше споменувана во јавноста, но сега оваа одлука била официјално донесена од страна на сите клубови, во договор со фудбалската федерација.
Ова значи дека проверката на сите офсајд-ситуации ќе трае значително пократко и нема да се чека ВАР-собата да ја исцрта офсајд линијата, што сигурно ќе заштеди време и нерви кај навивачите и играчите.
„Технологијата ќе обезбеди побрзо и доследно поставување на виртуелната линија, кое е засновано на оптичкото следење на играчот, па на овој начин ќе се прикаже висококвалитетна графика и тоа ќе се емитува на екраните на стадионите, што би требало да донесе уште повеќе возбуда за посетителите“, стои во соопштението од Премиер лигата.
Технологијата за полуавтоматски офсајд досега беше употребена на Светското првенство во Катар, во нокаут-фазата од Лигата на шампионите, а од неодамна беше применета и на Азискиот Куп на нации.