• Зоран Мишевски
Македонскиот вицешампион Шкендија продолжува во втората руна од квалификациите на конференциската лига.
Тетовчани целата работа во дуелот против гибралтарскиот состав на Европа си го завршија уште на првиот натпревар. На гостински терен Шкендија славеше со убедливи 0-5, па денешниот реванш натпревар беше само чиста формалност. Дуелот одигран вечерва на арената „Тодор Проевски“ во Скопје, тетовчани го добија со 1-0.
„Задоволен сум од пристапот, иако можеби очекувавме поинаков резултат. Недостасуваше завршен пас во нападот и тоа ќе мора да го корегираме затоа што сега доаѓаат потешки противници. Тоа ќе треба да се работи во недела, затоа што со посериозни екипи мораме да играме подобро“, смета тренерот на Шкендија.
Положани потоа се осврна и на следниот ривал - Браво од Словенија.
„Веќе размислувавме за словенечкиот Браво после првиот меч со Европа. Физички е многу добар тим и во трансформација, и нас ќе ни биде тешко. Секое коло сег доаѓаат се потешки и посериозни ривали, и нормално дека треба да одиме на една брзина повеќе, затоа што како одиме се подалеку во Европа противниците се потешки и посилни“, заврши Положани.
Шкендија минатата сезона играше во групната фаза на Конференциската лига и сега сака да го повтори истиот успех.



