Положани: Шкендија е подготвена за новиот европски предизвик!

Тренерот на Шкендија, Артим Положани, со оптимизам го најави првиот натпревар од новата европска сезона, во кој тетовчани гостуваат кај Европа од Гибралтар во првото квалификациско коло од Конференциската лига на УЕФА.

Стратегот на македонскиот претставник истакна дека тимот е целосно подготвен за предизвикот и дека најголемата добивка е тоа што нема проблеми со повредени играчи.

„Почнува новата европска кампања. Сите знаеме дека минатата беше фантастична за Шкендија. Сега екипата е подготвена за новиот предизвик. Најважно за нас е што сите играчи ни се на располагање и немаме повредени. Тоа е одлична вест и за тимот и за стручниот штаб. Нормално дека го анализиравме и следевме противникот колку што можевме. Се работи за сериозен ривал кој ако му оставиш простор знае да казни. Сепак, тука близу е Шпанија и тие учат од таму. Хендикеп за нас е вештачката трева, но мислам дека колку побргу ќе се прилагодиме на условите, толку подобро ќе биде за нас. Секогаш одиме на победа, ама тоа мора да го покажеме и на теренот“, изјави тренерот на Шкендија.

Првиот натпревар меѓу Европа и Шкендија се игра во Гибралтар в четврток во терминот од 19:30 часот, а тетовчани ќе се обидат да остварат позитивен резултат пред реваншот на домашен терен.