Положани: Претендираме за шампиони, а правиме толку грешки – заслужено бевме казнети

Шкендија го доживеа првиот пораз сезонава во Првата македонска фудбалска лига, откако загуби од Тиквеш со 1-3 во рамките на шестото коло.

Кавадарчани блескаа на теренот, а херој беше Сила, кој постигна хет-трик во 19., 60. и 72. минута. Единствениот гол за Шкендија го постигна Ислами во 68. минута, но тој беше доволен само за ублажување на поразот.
Тренерот Артим Положани призна дека неговиот тим заслужено загубил, посочувајќи ги големиот број грешки и изгубените дуели како главни причини за поразот.

„Она што можеби требаше да ни се случи со Силекс, ни се случи со Тиквеш. Не можеме како екипа која претендира да биде шампион да правиме толку грешки во додавањата и да губиме толку многу дуели. Со сите тие грешки, мислам дека целосно заслуживме да бидеме казнети. 

Но, секако одговорноста е на стручниот штаб. Во однос на оние тактички и технички задачи бевме лоши. А, тоа значи дека дефинитивно, повторувам уште еднаш, тоа е одговорност на стручниот штаб“, изјави Положани.

И покрај поразот, Шкендија останува лидер на табелата по шест одиграни кола.