• Зоран Мишевски
Иако одигра достоинствен натпревар и беше подобар ривал во текот на сите деведесет минути во Скопје, тетовска Шкендија го заврши настапот во Европа. Шкотски Хибернијан имаше повеќе спортска среќа и ги задржа оние 2-1 од првиот натпревар во Единбург пред една недела.
По возвратниот дуел не го криеше своето разочарување младиот тренер на Шкендија, Артим Положани.
„Мислам дека нашиот настап денес беше поделен. Во првото полувреме имавме интензитет, но не бевме конкретни. Во вториот дел бевме многу подобри, посебно по влегувањето на Красниќи, и мислам дека во двата натпревари заслуживме повеќе. На првиот натпревар примивме гол по корнер во последната минута во Шкотска, а и денес бевме несреќни и ако постигневме еден гол - подоцна ќе беше полесно.
Проблем настана откако вчера на официјалниот тренинг се повреди Марко Ѓорѓиевски, кого го планиравме да игра во второто полувреме и со таков робусен напаѓач мислам дека можевме повеќе. Имаме одличен тим и задоволен сум со моите фудбалери“.
Тренерот на македонскиот вицешампион се пожали и на тврдиот терен во Скопје.
„Не знам која е причината, но теренот беше сув и тоа имаше влијание на натпреварот“, заврши Положани.
Младиот стручњак најави дека титулата во Првата фудбалска лига сега е целта и целиот фокус треба да биде насочен кон остварување на овој резултат.
„Никогаш не е убаво да се заврши европскиот настап, но сега ќе се концентрираме на шампионатот. Во моментов сме разочари, сакавме да играме во плеј-офот на Конференциската лига. Но, сега ќе се насочиме на борбата за титулата, целосно се насочуваме кон таа цел, бидејќи знаеме што носи настап во Лигата на шампионите“, рече на крајот од своето излагање Артим Положани.
Шкендија сега ќе се концентрира на домашното првенство и в недела ќе го пречека тимот на Брегалница на теренот на Фудбалската федерација на Македонија во Скопје.












