„Пољуд“ оштетен од невреме, на Хајдук помош му понуди и лутиот ривал!

Големо невреме го погоди Сплит, а сериозно настрадаа стадионот „Пољуд“ и помошното игралиште на Хајдук. Разорниот ветер, проследен со обилни врнежи, предизвика значителни оштетувања, а тревникот беше целосно поплавен. Претседателот на Хајдук, Иван Билиќ, најави дека клубот ќе побара секаква можна помош која ќе биде достапна за санација на штетата, со цел теренот да биде подготвен за стартот на новата сезона во ХНЛ, која почнува првиот викенд во август.

Интересно, рака на помош понуди и најголемиот ривал – Динамо Загреб. Од „Максимир“ испратија официјално соопштение во кое се вели:

„ГНК Динамо жали поради штетата предизвикана од страшното и изненадно невреме што го погоди Сплит и сите во градот. Во налетите на ветерот беше оштетен и стадионот „Пољуд“, домот на Хајдук. ГНК Динамо стои на располагање за било каква помош на својот голем ривал“

Делови од градот останаа и без електрична енергија, а штетите сè уште се проценуваат, погодени се многу објекти, како приватни, така и јавни.