Полиција влета на квалификациски меч за СП со налог за апсење

Неверојатна сцена се случи на мечот од квалификациите за Светското првенство 2026 во КОНКАКАФ меѓу Костарика и Никарагва. Непосредно пред почетокот на натпреварот на стадионот „Ла Сабана“ во Сан Хозе, полицијата влегла во соблекувалните со судски налог за апсење на еден фудбалер на Никарагва.

Причината за ваквиот потег била пријава за неплатена алиментација, што го потврди и директорот на Јавната безбедност на Костарика, Марлон Кубиљо. 

„Добивме судска наредба од лице кое бара алиментација, со која се наложува апсење на еден член од никарагванската делегација. Делегацијата беше известена, долгот беше веднаш уплатен и за тоа беше испратен извештај до судијата за семејни спорови“, изјави Кубиљо.

До апсење, сепак, не дошло бидејќи обврската била веднаш подмирена, па полицијата се повлекла од стадионот. Идентитетот на играчот не е откриен, но целиот инцидент предизвика големо внимание, а од таборот на Никарагва најавија пријава до ФИФА и КОНКАКАФ. 

Костарика на крајот славеше со убедливи 4-1 и се израмни со Хондурас на врвот на табелата со по шест бода, додека Никарагва остана на дното со само еден освоен поен.