Полемика во БиХ: Дали Илиев на нерегуларен начин го одбрани клучниот пенал во Тузла? (ФОТО)

Фудбалерите на Сараево по подобро изведување на пенали успеаја да поминат во следната фаза од Купот на Босна и Херцеговина.

Во Тузла, Слобода одигра многу добар натпревар против фаворизираниот Сараево и успеа да се врати од резултатска негатива, но немаше среќа во ударите од единаесет метри. Токму во пенал-рулетот се случи ситуација која што крена многу полемики кај тамошната јавност.

Имено, нашиот голман Дејан Илиев го одбрани клучниот пенал и на својата екипа ѝ донесе понатамошен пласман, но босанската јавност се сомнева во регуларноста на неговата одбрана. На социјалните мрежи се појави фотографија на која може да се види дека Илиев со двете нозе е надвор од гол-линијата, а тоа би значело дека пеналот мора да се повтори бидејќи запиша интервенција. 

Судијата, кој беше задолжен да ги гледа голманите, не виде ништо сомнително, но навивачите на Слобода тврдат дека се оштетени.