• Горан Упале
Фудбалската селекција на Португалија по вторпат ја освои Лигата на нации, откако синоќа по изведувањето на пеналите ја победи Шпанија. Натпреварот заврши 2-2. Стрелци на головите за Шпанија беа Мартин Зубименди и Микел Ојарзабал, додека головите за Португалците ги постигнаа Нуно Мендеш и Кристијано Роналдо.
Покрај трофејот, Португалците однесоа и солидна парична награда. УЕФА му додели на шампионот од Лигата на нации 8,25 милиони евра, додека Шпанија, како финалист, собра 6,75 милиони. Третото место го освои Франција, која ќе добие парична награда од 5,75 милиони, а четвртопласираната Германија однесе чек од 4,75 милиони евра.
Ова беше четврто големо финале за Португалија и нејзин трет трофеј. Покрај двата во Лигата на нации (2019 и 2025 година), Португалците беа и европски шампиони во 2016 година. Нивниот единствен пораз во финалето беше во 2004 година, кога загубија од Грција дома.
ФОТО/PHOTO: UEFA