ВИДЕО: „Покер“ од Италија за нашите надежи, шести пораз за Македонија У21!

Македонската репрезентација до 21 година го запиша и шестиот пораз во квалификациите за Европското првенство, откако вечерва загуби од фаворизираната Италија со убедливи 4-0 (1-0) во натпреварот од седмото коло во групата Е. 

Нашите надежи имаа само минимална негатива по првите 45 минути, но целосно потклекнаа на стартот од вториот дел, кога „аѕурите“ постигнаа уште два брзи гола. Најпрво, резултатот го отвори Шер Ндур во третата минута, а потоа стрелаа играчите на Сасуоло и Џенова - Лука Липани и Џеф Екатор. 

Италија имаше сигурни 3-0 по 50 минути игра, не оставајќи им на нашите фудбалери никаква можност за нешто повеќе на тешкото гостување на стадионот „Карло Кастелани“ во Емполи. Конечните 4-0 ги постави Сејду Фини, кој прецизно реализираше пенал во 86. минута. 

За Италијанците ова е шести триумф, со кој барем за момент се израмнуваат на табелата со водечката Полска. Македонија во следното коло ќе се соочи со селекцијата на Ерменија. Овој натпревар ќе се одигра на 31 март.